Thursday, September 1, 2011

Благој Јанков - Мучето


Благоја Гане Јанков-Мучето е роден во 1911 година во Струмица, во сиромашно семејство. По завршувањето на основното образование и втори клас средно образование, тој заминал за Белград, каде го изучувал кројачкиот занает. Таму политички се освестил и стапил во револуционерното движење. Од тогаш неговата линост политички да се надоградува.
Поради неговите активности, тој стекнал доверба и станал синдикален функционер. Посебно бил добар организатор на штрајкови и излети. Уживал голем углед меѓу македонските печалбари во Белград. Неговото дело не останало непознато за полицијата, поради кое бил уапсен како опасен антидржавен бунтовник. Во белградскиот затвор Главњаци бил мачен и одвраќан од револуционерната дејност. Од затворот излегол по шест месеци. По пуштењето, тој се вратил во родната Струмица.
Во Струмица веднаш се ангажирал во организирањето на работничката класа и синдикати. Наишол на добар одзив од кројачките работници, организирал успешен штрајк кој сам го предводил и успешно го завршил. Полицијата повторно го прогонела, а тој повторно отишол во Белград, но овој пат како член на КПЈ (1938). Со големо штрајкувачко и синдикално искуство, Мучето влегол во штрајкувачкиот одбор на Белград. Во една штрајкувачка демонстрација бил повторно уапсен од полицијата и одведен во затвор. Кога излегол од затворот станал член на реонскиот комитет на КПЈ на Белград.
Со своето револуциенерно дело се афирмирал како истакнат комунистички борец, поради што станал член на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во тоа својство бил упатен за инструктор во источна Македонија. Исто така станал и организатор на првите спротиставувања на бугарската окупациска власт во Струмица во 1941 година.
Исто така активно учествувал во подготовките за формирање на партиски организации за Радовиш, Берово и Валандово. Бугарската фашистичка полиција ја открила неговата работа. Како илегалец најмногу се движел во Штип и неговата околина. Направил партиска база во селото Долани, во својство на член на обласниот комитет на КПЈ. Во една провала, полицијата извршила напад. Тогаш со Благоја бил и Славчо Стојменски,кој во престрелката со полицијата бил убиен, додека Благоја, ранет, успел да се извлече од канџите на бугарските фашистички полицајци. Во многу тешки услови ја продолжил револуционерната работа. Бугарскиот Воен Суд го осудил на смрт во отсуство и издале потерница со награда за него.
Во јуни 1944 година Бугарите го откриле неговото скривалиште, во домот на Спиро Захов во Струмица. Настанала нерамноправна борба на градските улици, во која Благоја херојски загинува.
За Народен Херој на Југославија е прогласен на 11 Октомври 1951 година.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.