Friday, July 29, 2011

Кумановска битка

Српска артилерија на Кумановска битка

Во битката кај Куманово на 23 октомври 1912 година 2.000 македонски доброволци, собрани од месното население, од утринските до попладневните часови сами се бореле против турската војска на фронтот кај местото Стревице близу Младо Нагоричане. Така, го спречиле опколувањето на српската војска на која потоа и пристигнало засилување. Во таа борба меѓу Македонците загинале или биле ранети шест војводи и 200 доброволци, но позициите не ги напуштале.
Потоа, околу 10.30 часот на помош на Дунавската дивизија од првиот повик и пристигнала Дунавската дивизија од вториот повик. Дринската дивизија го продолжила настапувањето и со поддршка на артилериски оган ја принудила 17. низамска дивизија на отстапување. Околу 12.30 часот, Дринската дивизија го зазела Ѕебрњак и го продолжила настапувањето кон Големиот Рид, загрозувајќи го левото крило на 5. корпус. Со овој напад бил пробиен фронтот на турската Вардарска армија. Околу 15 часот почнале да се повлекуваат сите турски дивизии, што значело дека Кумановската битка била завршена. Таквиот исход српската Врховна команда не го знаела. Таа и понатаму претпоставувала дека главниот судир ќе се води на Овче Поле. Поради тоа, наместо да го продолжат гонењето, српските сили напредувале само до караулата Бучар Хан кај село Бучинец, на околу 15 км од Куманово кон Скопје, каде што се сместил штабот на Првата. армија и подготвувала план за опколување и освојување на Скопје.
Во исто време и командантот на коњаничката дивизија (Арсен Караѓорѓевиќ) го упатил 3. коњанички полк кон Ѕебрњак, а 2. полк кон Голубица за да ја извидат состојбата. Тие се судриле со силна турска војска и се повлекле зад позициите на Дунавската дивизија од Првиот повик. Вториот баталјон на 18. полк ненадејно поради маглата се судрил со претходницата на 17. Низамска дивизија и бил целосно разбиен. Командантот на 4. баталјон од 18. полк самоиницијативно тргнал на помош, но и тој бил разбиен од 13. низамска дивизија. Тоа создало тешка криза кај Дунавската дивизија, бидејќи на позициите јужно од Куманово, кај Страцин се наоѓал само еден баталјон од 18. полк, а против него напаѓале две турски дивизии. Меѓутоа, турските сили не ја искористиле својата надмоќ.
Зеки-паша ги прекинал натамошните напади и наредил Штипската редифска дивизија (од армиската резерва) да је премине Пчиња и да изврши опфат на левото крило на Дунавската дивизија преку Сртевица, а 7. корпус да изврши посилен демонстративен напад кон десното крило на Првата. армија. Српската команда ги насетила намерите на Зеки-паша и навреме упатила соодветни сили да ги спречат турските пробиви. Ноќта на 23-24 октомври двете страни останале на позициите близу едни до други. Додека на левото крило се воделе жестоки борби, истиот ден на десното крило коњаничкиот полк на Моравската дивизија од Првиот повик при извидувањето на правецот село Ваксинце-село Слупчани бил нападнат со силен оган од артилеријата на турскиот 7. корпус, па морал да се повлече. Поради тоа, Моравската дивизија ги зазела позициите. Таа добила наредба да остане во одбрана, меѓутоа околу 16 часот самоиницијативно извршила противнапад.

Во острата борба во долината на Којнарската река, каде што имало големи загуби на двете страни, турските сили биле присилени да се повлечат. Поради слабите врски, штабот на Првата. армија не располагал со точни информации за состојбата на фронтот. Затоа во духот на директивата на Врховната команда, штабот на Првата. армија издал заповед на 24 октомври во 6.00 часот дивизиите да го продолжат движењето, да го заземат Куманово и да избијат до линијата Булачани-Ново Село-Биљановце-Слатина, а ноќта кога добил извештај од Дунавската дивизија од првиот повик, веќе било доцна нешто да се промени. Додека штабот на Првата. српска армија воопшто не сфатил дека, всушност, започнала битката, Зеки-паша имал впечаток дека таа се развива поволно, па им наредил на корпусите да го продолжат нападот и на 24 октомври. Така завршил првиот ден на битката, во кој Турците ангажирале 50.000 луѓе и 150 топови, а Србите 26.000 луѓе и 60 топови.
На 24 октомври 1912, односно на вториот ден од Кумановската битка, српската Прва. армија тргнала во офанзива. Дринската дивизија од првиот повик го започнала настапувањето во 6.00 часот на правецот Ѕебрњак-Бизлим (Красте кота 530). Шестиот корпус се обидел да ја запре, но не успеал, па таа избила со предните делови до Биљановце и ја принудила Битолската редифска дивизија да се повлече, при што на позициите оставила 9 топа. Моравската прва. дивизија го одбила нападот на 7. корпус и веднаш преминала во противнапад во содејство со Тимочката дивизија од вториот повик. Двете дивизии го принудиле 7. турски корпус да се повлече на утврдените позиции северно од Куманово.Меѓутоа, околу 13 часот тој бил принуден и од овие позиции да се повлече кон Скопје. На левото српско крило околу 6 часот, 5. и 6. корпус ја нападнале Дунавската дивизија од првиот повик и ја довеле во тешка состојба.
Во пресудните моменти, кога 5. и 6. турски корпус ја презеле иницијативата и кога постоела реално опасност српската војска да биде разбиена, ненадејно се појавиле околу 6.000 македонски четници кои со бомби в раце и силни извикувања ја нападнале турската војска во тил. Турците избегале во паничен страв, оставајќи им ги оружјето и опремата на македонските четници. По таа силна победа на македонските четници, српската војска поминала во противофанзива. За оваа силна победа на македонските сили и придонес од стратегиско значење во конечната победа на сојузниците врз турската војска досега не пишувале ни Србите, ни Бугарите.
Во Кумановската битка на српската страна имало 723 загинати, 3.441 ранет и 603 исчезнати. Биле заробени 2.000 турски војници и запленети 61 топ, 6 митралези и големо количество муниција и друг воен материјал.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.